stojan dimitrovski/I

Инвестирање во акции: Брокери

Овој пост е објавен и на мојот Medium блог.

Инвестирање во акции:

  1. Брокери
  2. Акции - Stocks (следува наскоро)
  3. Фондови на берза - ETFs (следува наскоро)
  4. Опции - Options (следува наскоро)
  5. Обврзници - Bonds (следува наскоро)

Добредојдовте во 20 век. Од 20-ти април 2021 конечно македонскиот граѓанин може сосема легално да користи електронски брокерски куќи од странство за да инвестира во странски хартии од вредност. Иако теоретски постоеше можност да се користат услугите на странски брокер, системот беше поставен да не можеш да го искористиш своето лично право да управуваш со својот капитал.

Еве го моето неодамнешно искуство со отварање на сметка во InteractiveBrokers.

Она што го изнесувам овде не е финансиски совет и не треба да се толкува како таков. Ова се само лични мислења и искуства, а не се ниту повик ниту понуда за инвестирање. Дополнително, ова не претставува реклама или понуда на брокерски куќи или услуги, туку е само опис на моето искуство и општи препораки. Сами сте одговорни за своите постапки.

1. Бирање на брокер

Постојат неколку електронски брокерски куќи кои нудат услуга на (за нив) странци. Можете да го употребите brokerchooser.com за брзо да ги споредите понудите од разните електронски брокерски куќи.

Дополнително, откако ќе се одлучите за некоја понуда, многу е важно да проверите кој е регулаторот на брокерот. Најчесто ова е изложено најдоле на веб страницата на брокерот. Избегнувајте брокерски куќи кои се регулирани од држави кои не се САД, Велика Британија, Хонг Конг или од ЕУ. Регулаторите во овие држави (вклучително и во нашата) имаат строг надзор над работата на брокерските куќи па ризикот да ги загубите сретствата поради непрофесионално однесување на брокерот е речиси непостоечки. Корисна алатка е FINRA Broker Check од агенцијата за регулирање на финансиската индустрија во САД.

Кога бирате електронски брокер, треба да бидете особено внимателни дека бирате вистински брокер на акции наместо брокер на CFD (Contract for Difference). Ова се на некој начин „лажни акции“ и најчесто оние кои нудат тргување со CFD се значително поризични за да им го доверите вашите тешко заработени пари. Сепак, постојат некои брокерски куќи кои нудат тргување со CFD како дополнителна услуга. Доколку регулаторот е од САД, Велика Британија и ЕУ, јасно ќе биде прикажано на страницата дека нудат тргување со CFD и ризиците поврзани со тоа.

Општо земено, постојат четири типови на давачки за брокерот кои треба да ги истражите детално:

  1. Давачки по трансакција – Transaction fees
    Секој извршен налог (трансакција) за купување или продавање кошта. Постојат брокерски куќи кои нудат бесплатно тргување, и тоа значи дека тие не наплаќаат давачки по трансакција. Но, понудата за странци на вакви брокери во овој момент е ограничена. Најчесто минималните давачки по трансакција се движат од $1 до $50. Понекогаш постојат други типови на планови кои зависно од волуменот (бројот на трансакции) можете да добиете попуст.
  2. Давачки за неактивност – Inactivity fees
    Доколку не тргувате активно, односно брокерот не наплаќа од вас давачки по трансакција, може да ви наплаќа месечен минимум за „неактивност.“ Ретки се брокерските куќи без давачки за неактивност, но тие се движат од $5 до $10 месечно. Повеќето не ви наплаќаат доколку другите давачки ја достигнале оваа сума.
  3. Давачки за чување сретства – Custody fees
    Чувањето сретства е специјална услуга која осигурува дека акциите се заведени под ваше име и обезбедува навремена исплата на дивидендите, данокот од дивиденди и други настани поврзани со вашите права како акционер. Предноста кај брокерите од САД е што тие не наплаќаат давачки за чување на сретства поради начинот на кој пазарниот систем е поставен таму. Но, тие може да ви наплаќаат давачки за чување на сретства за не-американски акции. Тие најчесто се движат од $0 до $10 месечно.
  4. Давачки за уплата и исплата – Withdrawal fees
    Повеќето брокери не наплаќаат уплата на сретства, но наплаќаат повлекување (исплата) на сретствата, особено ако тоа е со банкарска трансакција (wire или попознато како SWIFT). Најчесто овие се движат околу $10 по налог за повлекување.

Некои брокери бараат минимум вложена сума, обично $10.000,00 до $30.000,00, но постојат такви каде минимум сумата не постои.

Дополнителни работи кои е пожелно да се проверат пред да се одлучите за брокерската куќа:

  1. Висината на осигураните сретства
    Секоја брокерска куќа во светот мора да уплаќа во фонд за осигурување на сретства, и брокерски куќи во САД осигуруваат до $250.000,00 во кеш и $500.000,00 во кеш и хартии од вредност. Ова осигурување ве штити од непрофесионалното однесување на брокерот или другите посредници, а не од загуба на сретствата поради движењата на пазарот! Повеќето имаат и дополнителни осигурани суми.
  2. Репутацијата на куќата и нејзиниот менаџмент
    Проверете ја репутацијата на брокерската куќа, на нејзиниот менаџмент и на државата регулатор. Проверете ги форумите на интернет за мислењето за брокерот.
  3. Формата на фирмата
    Повеќето брокерски куќи се акционерски друштва кои се на берза. Проверете ги нејзините сретства (assets) и обврски (liabilities). Дополнително, голем дел од нив се и „мали банки“ па проверете ја репутацијата на нивната банка.

Јас се одлучив за InteractiveBrokers поради ниските трошоци по трансакција и за неактивност, без минимум за сметка и можноста за тргување со кеш и портфолио маргина со ниска камата (потребно за shorts и пишување на опции). Повторно, ова не претставува понуда да и вие отворите таму, ниту реклама за нив.

2. Верификација на идентитет

Штом започнете со отварање на сметка кај електронскиот брокер, ќе ви бидат поставени многу прашања околу вашата лична финансиска состојба, државјанството, местото на живеење и други лични податоци. Пожелно е да одговорите искрено.

За мене еден од најкомплицираните делови беше потврдата на адресата за живеење. Ви препорачувам да ја испишете буквално како што ја пишува во вашиот пасош и лична карта, буква по буква. Повеќето брокери бараат дупла проверка на идентитетот: една со лична карта или пасош (само за име, презиме, ЕМБГ) и друга за местото на живеење. Јас одбрав проверка на идентитет со лична карта, и проверка на место на живеење со пасош.

Верификацијата може да трае и неколку дена, но најчесто се завршува за неколку часа во работни денови.

Повеќето брокерски куќи се обврзани да проценат кое е вашето знаење за тргување во разни хартии од вредност и инструменти. Бидете искрени, а доколку немате добро познавање, пред да отворите прочитајте и запознајте се со темата. Нема да ви биде дозволено да отворите сметка доколку проценат дека немате доволно знаење.

Обрнете специјално внимание на безбедноста на корисничката сметка. Користете password manager и користете лозинка долга најмалку 18 карактери, вклучувајќи повеќе од еден знак, цифра, голема буква. Особено внимание обрнете на т.н.р. безбедносни прашања (security questions). Наместо да одговарате вистинито на овие прашања, одберете ги по случаен избор и користете генерирани лозинки за нив. Запишете ги прашањата и лозинките во вашиот password manager. На овој начин крајно ја намалувате шансата некој неовластено да пристапи до вашата корисничка сметка.

Штом оформите сметка, може да пристапите кон префрлање на сретства за да започнете со тргување.

3. Префрлање на сретства

Единствен начин да префрлите сретства е со банкарска трансакција (SWIFT). За да имате ниски трошоци, проверете ги инструкциите за уплата на сретства која ви ја дава брокерот. На пример, банката на InteractiveBrokers е JP Morgan Chase. Пробајте да видите која македонска банка има директна кореспонденција со таа банка. На пример, Шпаркасе банка преку нејзината мајка-банка Ерсте од Австрија има директна врска со JP Morgan Chase. Тоа значи дека провизијата ќе биде релативно помала бидејќи парите ќе патуваат низ помалку банки.

Повеќето брокерски куќи всушност бараат прво да ги известите за сумата која ќе им ја испратите, институцијата од која ќе ги испратите (BIC кодот на банката) и вашата интернационална банкарска сметка (IBAN).

Формуларот за SWIFT се пополнува на следниов начин:

  1. Во валута најчесто одбирате USD.
  2. Во шифра на основ одбирате 541*, но консултирајте се со вработениот во банката. Најавете дека трансакцијата е за уплата кај овластен учесник на странска берза или на организиран пазар на хартии од вредност.
  3. Во опис на трансакцијата го пишувате јасно и читко вашиот кориснички број.
  4. Ја уплаќате точната сума која сте ја најавиле кај брокерот.
  5. Во примач ги пишувате јасно и читко сите податоци кои ви ги дава брокерот за уплата на сретства - име, адреса, банка, сметка и слично.

Како доказ дека трансакцијата е во ваше име треба да приложите Account Confirmation Letter заедно со општиот договор за тргување. На InteractiveBrokers ова ќе го најдете во Reports > Other Reports > Account Confirmation Letter with Customer Agreement. Спремете го документот пред да одите на шалтер во банка, дали испечатен на хартија или како PDF спремен за праќање на банката. Во спротивно, нема да може да ви го одобрат налогот.

4. Тргување и одржување

Вие сте одговорни да ги следите законите за данок на државата. Некои работи за кои треба да внимавате:

  1. Некои од брокерите ќе ви исплаќаат камата за паричните сретства на сметка. Оваа камата се даночи во нашата држава. Секоја заработка од оваа камата ќе треба да ја пријавувате месечно во УЈП и да уплаќате данок секој месец. Доколку постои опција, одберете да не добивате камата за да не се занимавате со Е-ПДД секој месец.
  2. Секоја дивиденда или капитална добивка се даночи. Имајте на ум дека не можете да избегате од даноците, а УЈП може да ви се најави во инспекција во било кој момент. Затоа, штом добиете дивиденда или имате капитална добивка која мора да ја даночите, подмирувајте ја во законските рокови. Во случај на инспекција, употребете ги функциите за извештаи за да докажете капитална добивка, загуба, исплати на дивиденда со задржан и без задржан данок.
  3. Внимавајте со добивките од курсни разлики и нивниот даночен статус.

Среќно инвестирање!

5. Исплата или затварање на сметката

Имајте на ум дека пренос на портфолио кај друг брокер најчесто се наплаќа скапо па штом сте се фатиле со еден, останувате тука. Затоа, бирајте внимателно.

Исплатата на парите секогаш ќе биде во ваше име, но не мора да е на истата сметка од каде се примени. Банката можно е да ви побара доказ дека сметката е ваша, при што го користите истиот Account Confirmation Letter.

6. Зошто да / Зошто не / Алтернативи?

Пред конечно да се одлучите, размислете за следниве точки:

  1. Наследство
    Најверојатно вашите наследници ќе имаат проблем да ги извадат сретствата од електронскиот брокер. Можеби е паметно да го минимизирате ризикот со тоа што често ќе ги вадите профитите од таму, или ќе оставите инструкции за вашите наследници да можат да ги повлечат сретствата кога тоа ќе биде потребно.
  2. Пренос
    Иако постои можност за пренос на вашето инвестициско портфолио на друг брокер, тоа е прилично долг и скап процес.
  3. Безбедност
    Бидејќи станува збор за електронска платформа, несоодветно обезбедена корисничка сметка може да биде катастрофална за вас. Заштитен механизам е што повлекувањата на сретства секогаш ќе бидат во ваше име, но можно е некој да тргува во ваше име. Кај традиционалните брокери овие ризици исто така постојат, но се помали. Препорачувам да користите password manager со големи, случајни и долги лозинки, и неколку методи на верификација (SMS, телефон, e-mail).

Алтернативно, можете да трувате со традиционални македонски брокери кои нудат тргување во странство, но таму давачките се значително повисоки, а услугата е генерално аналогна.

comments powered by Disqus