Шорц, бикови, кладење и пропаст
Она што го изнесувам овде не е финансиски совет и не треба да се толкува како таков. Ова се само лаички лични мислења и не се ниту повик ниту понуда за инвестирање.
Овој пост оригинално беше објавен и на мојот Medium блог.
Оние кои ме познаваат, знаат дека финансии и берза ми се омилено хоби веќе неколку години, па изминатите неколку денови почнав да добивам прашања од пријатели за случувањата со петнаесеткратното зголемување на цената на GameStop Corp. (NYSE: GME) од $20 на $300 и деветкратното зголемување на цената на AMC Entertainment Holdings Inc (NYSE: AMC) од $2 на $18.
Кои се овие фирми?
GameStop е обичен ланец на продавници што продава компјутерски игри и друга пропратна роба. Бидејќи ова е време на коронавирус, секоја обична продавница се соочува со огромни проблеми (полициски часови, ограничено движење, страв). А особено се проблематични фирми кои имаат преку 5 илјади продавници и продаваат игри. Јас не ни знам како се продаваат игри во втората декада од 21 век освен онлајн со превземање.
AMC е фирма која поседува 10 илјади кино платна во околу илјада кино комплекси во САД и Европа. Не само што ретко кое кино работи во овие времиња на коронавирус, туку и целата продукција на Холивуд е практично запрена.
Некое особено објаснување зошто овие две фирми останаа практично без работа во 2020 не е потребно. Поради тоа, цената на нивните акции опаѓаше уште од март 2020. AMC се најде пред вратите на стечај (американски банкрот е малку поразличен од македонскиот стечај), па успеа да подигне кредит преку обврзница од 100 милиони долари во последен обид да купи малку време. Доколку јас би инвестирал во оваа обврзница, би го правел тоа поради огромниот продажен простор на одлични локации низ САД кој AMC го поседува, а не бидејќи гледам некоја светла иднина на нивниот бизнис. (Инвеститорите во обврзници обично први се обесштетени во стечајна постапка.) Околу GME немам што особено да кажам, освен тоа дека акционерски капитал со последниот извештај е проценет на 611 милиони долари, а моменталната пазарна капитализација е 22 милијарди долари. На кратко, тоа значи дека ако пропадне (а како не би?) ќе треба 36 исти фирми да проникнат од некаде за да ја покријат загубата на пазарот. Значи, 36 пати! Не сакам да пробам да споредам со други бројки бидејќи во 2020 имаат загуба од 300 милиони долари. Добро е што им останале 611 милиони долари.
Инвестирање против фирми?
Мнозина мислат дека инвестирање е само позитивно, оптимистичко, дејство. Но, тоа не мора да е така. Сосема е нормално да се инвестира и против некој. Механизмот е познат, веројатно со векови, но станува популарен од 1990. Името му е short (и затоа шорц).
Функционира со позајмување на акции од постоечки акционери. Доколку, на пример, јас сакам да шортирам некоја фирма, ги замолувам сите брокери кои ги знам да ги прашаат нивните клиенти кои имаат акции во таа фирма, да ми ги позајмат своите акции на мене. Јас му плаќам некоја провизија на брокерот, и понекогаш им давам пари на оние кои ми позајмиле акции. Се обврзувам да им ги вратам позајмените акции во два случаеви: (1) кога ќе ги побараат назад односно решат да ги продадат, или (2) кога ќе сакам да им ги вратам. Веднаш штом ги позајмам, ги продавам по моменталната цена на пазарот. Со тоа, реализирам некоја добивка. Инвестирам (не би рекол се кладам) бидејќи очекувам фирмата и нејзиното раководство да не одговорат на предизвиците до таа мера што пазарот ќе препознае лош бизнис во иднината, а оние од кои сум позајмил акции ќе бидат доволно неуки за, евентуално, да им ги вратам позајмените акции по многу помала цена. Со тоа, јас сум заработил на разликата меѓу високата цена на почетокот и ниската на крајот. Доколку цената расте неконтролирано, јас можам да ги изгубам сите сретства.
Многу инвестициски фондови и хеџ фондови ја користат оваа тактика за да осигураат помал ризик на нивното портфолио. Постојат и такви фондови, и големи инвеститори, кои редовно ја користат оваа тактика како примарен извор на заработка на нивното портфолио. Моите историски омилени шортови се оние на Pershing Square Capital: шортот на MBIA од 2003 до 2009 и шортот од 1 милијарда долари на Herbalife. Јас лично верувам во теоријата на Бил Акман (директор на Pershing Square) дека шортовите и инвеститорскиот активизам се пазарниот одговор на слабата владина регулација. Тоа се покажа многу успешно, на пример бидејќи MBIA беше една од клучните финансиски институции кои го запреа светскиот финансиски систем во 2008.
Нормално е тогаш, во 2020, да има фондови и инвеститори кои бираат традиционални бизниси за продажба (со продавници и неесенцијални продукти, како игри и филм) како идеални за шортирање.
Големото казино 2020
Она што е различно во 2020 од било кој друг период во историјата на берзите на акции е појавата на тргување без провизија и фракциони акции. Еден од главните играчи во овој простор е стартапот Robinhood. Ние во нашата држава за првпат добивме дозвола за тргување на странски пазари во 2019, и провизиите се прилично големи.
Достапноста на берзите за секој обичен граѓанин на САД и делови од ЕУ, споено со монотонијата на животот во 2020 и незапирливите и историски најголеми директни парични инјекции во САД, ЕУ па и во С. Македонија, а и немањето на традиционални издувни вентили како коцкање (крајно редуцирани спортски настани, затворени казина), пабови и ноќни клубови, кино, театар и останато ги примами оние и со најмали заштеди да се свртат према берзите на акции и да тргуваат без провизија, како да се во казино. Повеќето знаеме, но ретко веруваме — не постои бесплатен ручек. Овие платформи заработуваат на повеќе начини, од која еден од подоходовните е тргувањето со маргина: позајмени пари од брокерот, на основа на постоечкото портфолио на акции. (Враќањето на овој кредит се вика повик на маргина — margin call.)
Во ерата на дезинформации и социјални мрежи, ехо комори и избегнувањето на рационалната мисла и однесување, ова се покажува како прилично опасен спој на околности. Огромните парични инјекции ја одржуваат светската економија на апарати, брзината на парите е драстично намалена, а оние малку пари под перница нема каде да се трошат, па се коцкаат на берза. Од март 2020, двата американски индекси на акции NDX (Nasdaq 100) и S&P 500 се во постојан, речиси дуплиран раст. Вистинската вредност на фирмите на берзите, нормално — не ви е потребна магистратура во економија да разберете зошто — е на најниско ниво во последните 10 години.
Неуките инвеститори поттикнати делумно од владините чекови за поддршка вредни милијарди долари и евра, решија да купуваат акции од фирмите кои им се блиски и познати (на пример, оние за игри и кино, меѓу други). Во април дури и го повратија во живот (неколку пати) светскиот бренд за rent-a-car Hertz, кој денови претходно отпочна стечајна постапка. Rent-a-Car во корона 2020!?
Организирана катаклизма
(Во натамошниот текст намерно изоставувам линкови и имиња.)
Нормално, сѐ што правиш сам е поинтересно со друштво, особено кога друштво нема. На повеќе социјални мрежи, поттикнати од одредени извршни директори со култ на личноста (кои се спогодија еднаш поради ова однесување со Комисијата за хартии од вредност на САД), решија да се организираат и синхронизирано да настапуваат на пазарот, со цел да постигнат повисоки цени на нивните портфолија.
Рецептот за катастрофа е поставен. Шортерите (хеџ фондовите и другите инвеститори) сметаат, природно, дека сѐ што не е спремно за економија во оваа пандемија, ќе пропадне. Позајмуваат акции, погодете од кој, оној кој нуди најефтини провизии за шортирање— Robinhood. Оние кои користат слични платформи за тргување, се организираат (најверојатно нелегално) и се коцкаат (и тоа на кредит!), без никаква економска поткрепа, на неколку фирми кои им се блиски и познати, а чии цени се прилично ниски (бидејќи, нели, пропаѓаат). Дополнително, нели пропаѓаат, сите информирани пари во системот (пензиски фондови, големи инвеститори) одамна ги имаат продадено нивните акции во овие безнадежни фирми. Тргувањето започнува, секој купува поефтино и продава поскапо, неколку пати во денот. Сепак е бесплатно, брзо и електронско. Нотификација од социјална мрежа — купи, продај. GME станува најтргуваната фирма во историјата на човештвото во само еден ден (27 јануари 2021). Мулти-милијардерските хеџ фондови, наместо да ги видат цените на акциите во пад, гледаат вртоглав раст од десетици проценти во час. Чернобил. Реакторот не може да се стабилизира, иако првиот час личи само на невообичаен ден. Процесот на враќање на позајмените акции е спор, а секоја секунда чини неколку пати повеќе од претходната. Сите сретства од хеџ фондот и да се продадат, нема спас. Милијарди долари се избришани. Не постојат. Системот е скршен. Катаклизма. За голем дел од позајмените акции нема пари да се вратат. Оние кои имале акции и ги позајмиле (не ни биле прашани), иако вредат 18 пати повеќе, веќе ги немаат.
Жар, чад и ново утре
Системот е непоправливо скршен. Веќе од утре, шортирањето нема да биде исто како било кога претходно. Властите ќе истражуваат за легалноста на организираното шпекулирање, и поттикнување од извршни директори на фирми од стотици милијарди долари кои го прават истото веќе втор пат.
Коцкањето на берза, неинформираните пари, најверојатно ќе бидат присутни уште неколку месеци, до поголема корекција на светските пазари (лична проекција). Не би бил изненаден оваа тактика да биде (или била) употребена од политичките непријатели на западниот свет, демократијата и капитализмот.
Сѐ што високо лета, ниско паѓа. Последната будала е економски термин кој ги опишува оние кои купуваат скапо а продаваат ефтино. Последната будала е оној кој останува без столче кога ќе запре музиката. Овој пат последната будала беа милијарди долари на непознати инвеститори, менаџирани од дипломирани економисти. Дел од последните будали беа и оние кои останаа без нивните заработки од 1800%.
Светскиот финансиски систем е кревка и нестабилна структура која во изминатите 300 години продуцира невиден напредок на цивилизацијата. Слични катастрофални настани се случуваат отприлика на секои 10 до 15 години, но овој може да биде најлошиот до сега.
Директните последици може да бидат забрана или ограничувања за ефтино тргување, или ограничување на тргувањето со маргина на неинформираните пари. Социјалните мрежи веројатно би воспоставиле правила за содржина за организирано шпекулирање. Кога броиш карти во казино те тепаат и те фрлаат пред врата. Тоа ќе отвори нови предизвици за капитализмот, но и за западната мисла, неолиберализмот и демократијата.
ЧПП
Како и јас да учествувам?
Во нашата држава има неколку брокерски куќи кои нудат тргување со акции на странски берзи. Информирајте се за нивните провизии и тарифи. Нашите брокерски куќи не нудат шорт позиции, но нивните партнер-брокери од странство можно е да нудат, понекогаш и без прашање. Воколку имате желба да инвестирате во фирми кои се подложни на шорт позиции (повеќето шорт позиции треба да се објават јавно), бидете внимателни за ризикот на кој што се изложувате доколку очекувате раст на краток или долг рок.
Дали треба да учествувам?
Многу економисти ја споредуваат берзата со олимписките игри, демек за да добиеш треба да си олимпиец. Моето лично убедување е дека на олимпијада е најбитно да се учествува. (Овој текст не е критика за Robinhood и другите ефтини платформи за тргување.)
Дали шпекулација се исплати?
Да, ако не ти е проблем да бидеш поголемата будала понекогаш. Моето мислење е дека инвестирање на економски принципи (value investing) е подоходовно од брза заработка на шпекулации. Поефтино е, нели, да си купуваш грепки.
Дали ова може да се случи на Македонска берза?
Првите 3 каси во поголемите супермаркети во Скопје имаат поголем дневен обрт од Македонска берза. Дополнително, шорт позиции не се нелегални во нашата држава, но брокерските куќи не нудат таква услуга бидејќи не постои преседан (бар јавен). Брокерските услуги се генерално скапи на балканот, за разлика од трендовите на опаѓање во САД и ЕУ. Немам слушнато дека тргување со маргина се нуди како услуга тука, а не гледам зошто би било нелегално. Во секој случај, никој не ти брани да земеш кредит и да го употребиш на берза. Или ќе си олимпиец, или првак будала. (:
ОК, Стојан, нели сѐ има вештачка вредност: и парите, и вредноста на златото, и вредноста на биткоинот, и цената на акциите и хартиите од вредност? Нели сѐ е едно големо казино! Зошто ова е лошо?
Сѐ што е легално, не мора да е лошо. Но, ќе се повикам на изреката на Потер Стјуарт, врховен судија од САД, во неговиот обид за дефинирање на порнографија во случајот Жакобелис против Охајо: „Знам што е кога ќе ја видам.“
Нашиот светски систем и поредок е поставен на столбовите на доверба, правда и закон. Нашите пари, пензии, сѐ што гледаме околу нас е произведено на база на системот за кредит: позајмувам за да направам повеќе. Продуктивноста на човекот е единствената сила која овозможува насочено дејствување кон подобро, и повеќе; сѐ останато е производ на случајност.
Пазарите (на хартии од вредност) не се совршен систем, но до сега убедливо најдобриот систем за демократизација на кредитирањето и насоченото дејствување на човековата продуктивност. Секое насочено дејство во спротивна насока, дали тоа е осигурување од пропаст (2008) или вреднување на 1 денар како да се 36 денари, ја загрозува целта на постоење на тој систем. Пазарите докажале, во минатите 300 години, дека се отпорни и на многу полоши манипулации (2008: MBIA, AIG, 2001: Enron, 2000, 1987… 1637…).
Значи, единствената вистинска вредност е човековата продуктивност. 1 човек не може да работи како 36, а задачата на пазарот е да одбере цена (понекогаш малку во иднината) која адекватно ја претставува. Проценете сами.