Еврообврзница 2021: анализа и коментар
Овој пост е објавен и на мојот Medium блог.
Деновиве беше објавена информацијата од Министерството за финансии дека нашата држава се задолжила преку еврообврзница од 700 милиони евра по купонска каматна стапка од 1,625%.
Ова ќе биде кратка анализа и коментар за јавните финансии на државата и за историското значење на овој заем.
Што е еврообврзница?
Еврообврзница е обврзница во евра. Што е обврзница? Обврзница е специфична форма на заем, најчесто заем на големи износи. Позајмувачите најчесто се јавноста, наместо една институција како банка. Обврзницата е хартија од вредност, и може да се препродава, обезбедувајќи лесен пренос на ризикот од еден на друг инвеститор. Дополнително, обврзницата има „пазар“ при што може лесно да се одреди мислењето на инвеститорите за државата – дали се задоволни и веруваат во државата, или не. Поради ова, обврзниците се прилично популарна форма на заем за држави и големи фирми.
Обврзницата е документ за заем составен од четири дела: главница (сумата која се позајмува), купонска каматна стапка („цената“ на позајмувањето), период на заемот, и ковенанти (условите под кои се позајмуваат парите). За разлика од обичен граѓански кредит, општо гледано вака изгледа временската линија на една обврзница:
- Утврдување на пазар: барање на инвеститори, утврдување на главницата и каматната стапка.
- Издавање на обврзницата: прибирање на парите од инвеститорите.
- Плаќање на купони: За секоја година од времетрањето на заемот, се плаќа камата на купонот. Во дадениот случај тоа е 1,625% од 700 милиони евра односно 11,375 милиони евра годишно.
- Плаќање на главницата: Штом заврши периодот на заемот, треба да се врати целата главница, односно 700 милиони евра.
Историски заем
Оваа еврообврзница е историска поради неколку фактори. Најпрво, купонската каматна стапка од 1,625% е до сега најниска каматна стапка во историјата на кредитирањето на македонската држава од страна на странски инвеститори. Тоа значи дека успеавме. Инвеститорите се убедени во светлата иднина на државата, и се спремни да вложат во нас без да се плашат дека ќе ги прокоцкаме парите.
Второ, светската економија се соочува со огромни предизвици. Централните банки на светот продолжуваат со своите масивни активности на „печатење пари.“ Светскиот оптек на пари е значително зголемен, а заработката од обврзници низ светот е на најниско ниво. Во некои држави во ЕУ обврзниците се со негативен принос – инвеститорите плаќаат само за да држат обврзници од тие држави. За нашата република интересот на понудата од 1,6 милијарди евра за оваа каматна стапка значи дека е огромен светскиот консензус за стабилноста и просперитетот на државата. Она што е исто така интересно, при издавањето на обврзницата се создава пазар при што оној кој нуди заем за најмал принос добива прв. Јас немам пристап до податоците од пазарот при издавање, но интересот од 2,28 пати најверјатно посочува дека значителен број на инвеститори биле задоволни и со пониска стапка од 1,625%. Најверојатно околу 1%.
Трето, ова е првиот пат нашата држава од осамостојувањето (а и веројатно од формирањето во 1945) да добие „бесплатни пари.“ Подолу во текстот ќе објаснам зошто овој кредит не само што е бесплатен, туку и дека нашата држава ќе заработи пари. Гледано од геополитички и геостратешки аспект, ова е неверојатен успех. Влијанието на Кина со нејзината belt and road иницијатива, на која се изгоревме преку 3-пати преплатениот автопат Кичево-Охрид (кој уште не е завршен), нема да може да го користи на сметка на потта и солзите на македонскиот граѓанин! Кина е приморана да се натпреварува со останатите наши сојузници од западот кои се спремни да ни помогнат и без да заработат пари, а тие бараат астрономски заработки кои ги наплаќаат што во пари, што во политички услуги. Влијанието на Турција е значително уништено – проблемите на турската лира и стагнирачката економија произведува обврзници со 3 до 4 пати поголема купонска каматна стапка од македонската. На кратко, тоа значи дека парите потрошени за влијание тука ги кошта 3 до 4 пати повеќе отколку тоа што нас не кошта да се одбраниме од тие влијанија. Русија никогаш не играла на финансиско влијание овде, па импактот е потежок за проценка.
Бесплатни пари и заработка од заем
Оваа обврзница е со период на исплата од 7 години. Тоа значи дека македонските граѓани ќе треба да обезбедат 7 x 11,375 милиони евра, односно 79,625 милиони евра вкупно за целото времетраење. Секако, не се малку пари. Но, парите денес вредат помалку утре – инфлацијата е економска реалност. Ајде да разгледаме неколку модели на инфлација за да видиме, во денешни пари, колку всушност реално овој заем го кошта граѓанинот.
Според проекцијата на НБРСМ за 2021 година, стапката на инфлација на денарот ќе биде околу 1,5%. Тоа значи дека, на пример, 2 литри млеко кои денес коштаат 100 денари, наредната година би коштале 101,5 денари. Но, бидејќи млекото е основна намирница чија што употребна вредност не се менува значително од година во година, тоа значи дека во денешни денари вредноста на млекото наредната година е 98,5 денари. Бидејќи инвеститорите инвестираат пари, нивната реална употребна вредност (купување на млеко) во просек ќе се намалува за 1,5% годишно.
Дополнително, ако претпоставиме дека денарот ќе остане строго врзан за еврото, и дека во наредните 7 години инфлацијата ќе биде 1,5% годишно, во тој случај државата на крајот ќе има исплатено вкупно 724,039 милиони евра во денешна вредност, односно 639,316 милиони евра главница и 75 милиони евра купони. За инвеститорите, тоа е максимален принос од 3,43% на целата инвестиција.
Но, поради монетарната поддршка од Европската централна банка и соодветната поддршка од НБРСМ за време на корона-вирусот, со пуштањето во оптек на огромни парични сретства со цел да се стимулира растот на економијата, се зголемува ризикот за значително поголема инфлација од проектираната 1,5%. Ако претпоставиме дека инфлацијата само во 2022 година ќе биде 2,5% тогаш вкупно исплатените пари во денешни евра се 716,802 милиони евра. Значи, цената на ова задолжување е само 16,8 милиони евра за 7 години.
Ако воведеме малку повисока проценка за инфлација со овие светски економски текови од 2% за 2021, 2,5% за 2022-23 и 2% понатаму тогаш максималниот реален принос паѓа на -0,11% на целата инвестиција. Односно, државата вкупно ќе исплати 699,3 милиони евра денешни пари – што е помалку од она што се задолжила, па така „заработила“ 700 илјади евра.
Може оправдано да се замислат позначајни стапки на инфлација во наредните 3 до 5 години кои одат во полза на овој заем.
Заработката на инвеститорите
Не помалку важно е да се разгледа заработката (приносот) на инвеститорите кои ги позајмиле парите. Поради огромниот интерес (и притоа натпревар – наддавање), во моја лична проекција од 1-2% над основната цена (значи инвеститорот плаќа 707-714 милиони евра за да инвестира во 700 милиони евра), нивниот принос во сценариото со рамна инфлација од 1,5% годишно опаѓа на 2,52% максимално односно 0,67% минимално. Во случај да постојат инвеститори кои платиле 3% повеќе, тогаш нивниот максимален принос е 0,69% со -1,13% минимален.
Овие бројки јасно укажуваат во довербата на инвеститорите во македонската економија и држава. Во таа насока, сметам дека издавањето на оваа обврзница е маестрален потег на Министерството за финансии.
Може да ја користите оваа табела за да ги видите формулите и да си играте со бројките.